Shared Knowledge/Статут

From Meta, a Wikimedia project coordination wiki

Врз основа на член 18 од Законот за здруженија и фондации 2010 („Сл.весник на РМ“ бр.52/2010) и одлуката за основање на Здружението СПОДЕЛЕНО ЗНАЕЊЕ Скопје, Собранието на здружението, на седницата одржана на ден 15 септември 2015 година го донесе следниов:

СТАТУТ
НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ГРАЃАНИ
СПОДЕЛЕНО ЗНАЕЊЕ Скопје
I. Општи одредби

Член 1

Здружението за умножување на слободни содржини СПОДЕЛЕНО ЗНАЕЊЕ Скопје (во понатамошниот текст на овој документ само „Здружение“) има за цел знаењето да биде слободно и достапно на сите луѓе.

Член 2

Здружението е основано како непартиско, невладино и непрофитно здружение на граѓани чија цел е поддршка на создавање, собирање и умножување на слободни содржини на непрофитен начин: поддржување на идејата сите луѓе да имаат еднаков пристап до базите на знаење и до системите на образование. Под поимот слободна содржина се подразбира било кој производ кој од страна на авторот на тој производ е лиценциран на начин на кој на сите им е дозволено тој производ слободно да го користат, умножуваат и менуваат.

Член 3

Здружението има статус на правно лице, а своите активности ги реализира во склад со позитивните законски прописи на Република Македонија, почитувајќи ги начелата на јавност во работењето и рамноправност на своите членови.

Член 4

За потребите на прибирање и умножување на слободни содржини се користи програмот „Вики“, како најзастапен иако не и единствен. Програмот „Вики“ е компјутерска програма достапна на Интернет која им овозможува на корисниците преглед и промена на содржините, со што се овозможува создавање на слободни содржини. Најзначаен пример на примена на овој принцип претставува енциклопедијата „Википедија“ која ја има започнато Џими Д. Велс, а со која управува фондацијата Викимедија (Wikimedia Foundation Inc. со седиште во Флорида, САД).

Член 5

Здружението е независно. Здружението тесно соработува со Фондацијата Викимедија (во понатамошниот текст само Викимедија) и други организации кои имаат слични цели.

II. Цели и активности на Здружението и начин на остварување

Член 6

Целта на Здружението е да се занимава со следниве активности:

  1. Пропагирање на идејата за создавање, прибирање и умножување на слободни содржини на Интернет, како и управување и располагање со средствата наменети за таа цел. Фокусот на интерес лежи на неколку меѓународни проекти на Викимедија.
  2. Умножување и поддршка на умножувањето на слободни содржини во дигитална, печатена и други форми со акцент на содржината на меѓународните проекти на Викимедија.
  3. Прибирање, објавување и умножување на информации, како и односи со јавноста кои се поврзани со слободни содржини и проекти на Викимедија преку организирање на настани и публикување информативна литература.
  4. Доделување на стипендии.
  5. Негување и промовирање на македонскиот литературен јазик и правопис.

Член 7

Здружението може да прибира средства и да ги проследува кон други здруженија и трговски друштва или јавни установи ако истите се користат исклучиво за цели како што се горенаведените. Здружението може да има удели во такви здруженија и трговски друштва или да биде нивен член.

Член 8

Некои од активностите кои Здружението ги спроведува заради остварување на своите цели се:

  1. Организирање на стручни собири, советувања, семинари и други форми на стручно образование во овие области, самостојно или во заедништво со други организации;
  2. Објавување на книги и други публикации од областите кои се опфатени со работата и целите на Здружението;
  3. Организирање на научни и стручни работилници за работа на научни, стручни и истражувачки проекти од областите кои се опфатени со работата и целите на Здружението;
  4. Соработка со универзитетите, стручните здруженија и други организации и поединци во земјата и странство кои се занимаваат со областите што се опфатени со работата и целите на Здружението.
III. Назив и седиште

Член 9

Здружението ќе ги обавува своите дејности под името: Здружение за умножување на слободни содржини СПОДЕЛЕНО ЗНАЕЊЕ Скопје; со скратен назив: СПОДЕЛЕНО ЗНАЕЊЕ Скопје; како и под латиничното име, на англиски јазик: SHARED KNOWLEDGE Skopje. Седиштето на Здружението е на ул. Шидска бр. 68а, Општина Ѓорче Петров, Скопје. Здружението својата дејност ја остварува на територијата на Република Македонија и истата ја усогласува со позитивните законски прописи на Република Македонија.

IV. Услови и начин на зачленување, престанок на членство, права, обврски и одговорности на членовите

Член 10

Членството во Здружението е на доброволна основа.

Член 11

Член на Здружението може да биде секое физичко лице кое ги прифаќа целите на Здружението и Статутот на Здружението, во согласност со Законот.

Член 12

Членството во Здружението го сочинуваат: членови, членови со право на глас и почесни членови. Членовите со право на глас ги бира и разрешува Собранието, а на предлог на Извршниот одбор. Со одлука на Собранието на Здружението може да се изберат и почесни членови.

Член 13

Сите членови и членови со право на глас на Здружението можат да бираат органи на Здружението, како и да бидат бирани во органите на Здружението, во склад со Законот.

Член 14

Сите членови имаат обврска да ја помагаат работата на Здружението и на други начини: во јавноста и по пат на плаќање на членарина чија висина и начин на плаќање ја одредува Собранието на Здружението.

Член 15

Сите членови имаат право:

  1. Рамноправно со другите членови да учествуваат во остварувањето на целите на Здружението;
  2. Да бидат благовремено и целосно информирани за работата и активностите на Здружението.

Сите членови со право на глас ги имаат правата пропишано во став 1 од овој член и правото непосредно да учествуваат во одлучувањето на Собранието преку органите на Здружението.

Член 16

Целокупното членство се обврзува да се придржува до Статутот и другите акти на Здружението. Членството во Здружението престанува во следниве случаи:

  1. На лично барање на членот на Здружението;
  2. Со одлука на Извршниот одбор;
  3. Во други случаи предвидени со Законот.
V. Органи на здружението, нивни права, обврски и одговорности

Член 17

Органи на Здружението се:

  1. Собрание на Здружението;
  2. Претседател;
  3. Извршен одбор;

Редовен избор на претседател на Здружението и членови на Извршниот одбор, не се вршат во иста година.

VI. Собрание на здружението

Член 18

Собранието на Здружението е највисок орган на Здружението и се состои од сите членови со право на глас на Здружението. Седниците на Собранието ги води Претседавач избран на седница на Собранието. Собранието заседава според потребите, а најмалку еднаш годишно. Собранието на Здружението го свикува Претседателот на Здружението или една петина од членовите со право на глас или со одлука на Извршниот одбор.

Член 19

Работи кои се во надлежност на Собранието на Здружението:

  1. Донесување на Статут на Здружението, негови измени и дополнувања;
  2. Избор и разрешување на Претседателот;
  3. Донесување на програмски и други документи на Здружението;
  4. Избор и разрешување на членовите на Извршниот одбор;
  5. Разгледување и усвојување на финансиски и други извештаи на органите на Здружението;
  6. Усвојување на финансиски план и усвојување на програма за работа и завршна сметка;
  7. Донесување на одлуки за награди и признанија;
  8. Основање на постојани и повремени работни групи и тела;
  9. Извршување на други работи во согласност со Законот.


Член 20

Сите членови на Собранието на Здружението со право на глас имаат еднакво право на глас. Седниците на Собранието на Здружението се јавни, а одлуките се донесуваат со повеќе од половина од присутните членови, односно 50% + 1 од присутните.

VII. Претседател

Член 21

Претседателот на Здружението го бира Собранието на Здружението со мандат од две години. Претседателот на Здружението ги има следниве права и должности:

  1. Го застапува и претставува Здружението пред трети лица;
  2. Извршува и други репрезентативни функции кои му ги доверува Собранието на Здружението и Извршниот одбор на Здружението;
  3. Ги потпишува актите коишто ги донесува Собранието на Здружението, а согласно позитивните законски прописи и Статутот на Здружението;
  4. Врши други работи.

Член 22

Претседателот на Извршниот одбор го заменува Претседателот во негово отсуство. Претседателот на Здружението и претседателот на Извршниот одбор не е исто лице.

VIII. Извршен одбор

Член 23

Извршниот одбор е раководен и оперативен орган на Здружението. Извршниот одбор се состои од најмалку пет, а најмногу единаесет члена. Членовите на Извршниот одбор не смеат да примаат паричен надомест од организацијата. Оние кои примаат паричен надомест од неа, не смеат да членуваат во Извршниот одбор. Членовите на Извршниот одбор ги бира Собранието на Здружението со мандат од две години. Членовите на Извршниот одбор помеѓу себе бираат Претседател на Извршниот одбор. Извршниот одбор може да го свика Претседателот на Извршниот одбор или било кој член на Извршниот одбор. Седниците на Извршниот одбор се полноважечки и кога се одвиваат по електронска пошта. Извршниот одбор одлуките ги донесува со мнозинство гласови на своите членови , а одлуката се смета за донесена со прием на најмалку 50%+1 од гласовите пратени по електронска пошта или дадени на физичка средба.

Член 24

Извршниот одбор ги извршува следните работи:

  1. Ги извршува одлуките и другите општи акти на Собранието на Здружението;
  2. Утврдува предлози за Статут и измени , програма за работа, финансиски план и завршна сметка;
  3. Подготвува предлози на општи акти и одлуки на Собранието на Здружението;
  4. Донесува извршни одлуки за проекти кои не се опфатени со годишната програма за работа;
  5. Основа постојани и привремени работни групи и тела;
  6. Извршува и други работи кои му ги доверува Собранието на Здружението или кои со други прописи му се ставени во негова надлежност.
IX. Претседател на извршниот одбор

Член 25

Претседателот на Извршниот одбор раководи со работата на Извршниот одбор на Здружението. Мандатот на Претседателот на Извршниот одбор на Здружението е две години.

X. Застапување и претставување

Член 26

Претседателот на Здружението го претставува и застапува Здружението во правниот промет со трети лица и има права и должности на финансиски налогодавец. Претседателот на Здружението го застапува здружението , а заедно со Претседателот на Извршниот одбор ги потпишуваат сите финансиски документи во име на Здружението.

XI. Стекнување, користење и располагање со средства

Член 27

Здружението се занимава единствено и исклучиво со непрофитни дејности.

Член 28

Средствата на Здружението можат да се користат исклучиво за цели дефинирани со Статутот на Здружението, и програмските планови-проекти. Исплатата на надоместоци на членовите на Здружението, како и на надворешни соработници, се врши според одлуките донесени од Извршниот одбор.

Член 29

Здружението се финансира со:

  1. Членарина од членовите на Здружението;
  2. Доброволни прилози, подароци и оставнини на домашни и странски правни и физички лица;
  3. Од буџетот и други фондови;
  4. Од други извори, во согласност со Законот.

Член 30

Имотот на Здружението се состои од:

  1. Парични средства и хартии од вредност;
  2. Подвижен и недвижен имот и имотни права.

Член 31

Одлуките во врска со приходите и расходите ги донесува Извршниот одбор на Здружението во согласност со финансискиот план и програмата за работа.

XII. Начин на известување на јавноста за работата и стекнувањето и располагањето со средства

Член 32

Работата на сите органи на Здружението е јавна. За ставовите, заклучоците и одлуките членовите се информираат преку електронска пошта.

Член 33

Секој член на Здружението има право на информации за работата на Здружението, а има должност информациите кои се сметаат за деловна тајна да не ги изнесува во јавноста. Личните ставови на членовите не се официјални ставови на Здружението.

XIII. Здружување во сојуз со други организации и други форми на здружувања и зачленување во меѓународни организации

Член 34

Здружението може да се здружува со организации од Република Македонија и други форми на здружување во согласност со позитивните законски прописи. Одлуката за здружување во согласност со претходниот став на овој Член е полноважна доколку за истата одлучи Собранието на Здружението.

Член 35

Здружението може да се зачленува во меѓународни организации во согласност со позитивните законски прописи доколку одлука за тоа донесе Собранието на Здружението. Пристапувањето во меѓународни организации се регистрира при надлежниот државен орган во рок од 30 дена, во согласност со Законот.

XIV. Донесување на измени и дополни на статутот.

Член 36

Измени и дополнувања на овој Статут се донесувааат по иста постапка како и постапката при неговото првично усвојување.

Член 37

Измени и дополнувања на Статутот можат да предложат органите на Здружението, односно група од најмалку пет члена.

XV. Престанок на работата на здружението

Член 38

Престанок на работата на Здружението може да настапи во следниве случаи:

  1. Врз основа на одлука на Собранието на Здружението која се донесува со најмалку две третини од вкупниот број на членови на Собранието на Здружението;
  2. Доколку бројот на членови на Здружението стане помал од законски пропишаниот минимум за работа на Здружение на граѓани и во други случаи предвидени со Закон.
XVI. Располагање со имотот во случај на престанок со работа

Член 39

Во случај на престанок со работа на Здружението, одлука за имотот на Здружението донесува Собранието на Здружението.

Член 40

Целиот подвижен и недвижен имот кој ќе го стекне Здружението во текот на својата работа е негова сопственост и може да се користи исклучиво во функција на остварување на програмските задачи и цели на Здружението, во согласност со одлуките на овластените органи, а одлуката за отстапување на истата во случај на престанок со работа на Здружението ја донесува Собранието на Здружението.

XVII. Јавни ознаки на здружението

Член 41

Во правниот промет Здружението користи печат и штембил со називот и седиштето на Здружението. Печатот е во форма на круг во кој е впишан текстот на полниот назив на Здружението на надворешниот дел од печатот, со седиштето во дното на печатот и симболот на вики-врска во средината, со десна половина од сијалица, односно налик на прашалник меѓу заградите. Симболот на вики-врска се две отворени и две затворени големи загради. Штембилот е со правоаголна форма во кој е впишан називот на здружението со простор за впишување број на предмет и датум на заведување на списите во деловодната книга.

XVIII. Завршни одредби

Член 42

Овој Статут стапува на сила со денот на неговото донесување, односно од 15 септември 2015 година.