Глобални забрани
![]() | Следнава страница е превод на глобалните правила на македонски. Во случај да има разлики во смислата или толкувањето помеѓу изворната англиска верзија и преводот, предност има англискиот текст. Оваа страница е разработена и одобрена од заедницата и задолжително треба да се почитува и следи на сите проекти. Истата не смее да се менува без добиено одобрение од заедницата. | ![]() |
Глобалната забрана (анг. global ban) претставува формално одземање на уредувачките или други права на пристап на (на пр. употреба на „Специјална:Пиши е-пошта на корисникот“) на сите Викимедиини проекти. Оваа забрана има за цел да спречи штетни дејства на поектите, и треба да се применуваат само кога проблемот не може да се разреши со помалку ограничувачки мерки. Затоа забраната обично е трајна. Таа не претставува казнена мерка, ниту пак е наменета како „период на смирување“. Глобалната забрана отсликува широк и јасен консензус кај заедницата.
Глобалните забрани се применуваат исклучиво кога повеќе независни заедници претходно решиле да го забранат корисникот поради злоупотреба. Викимедиините проекти се целосно самостојни, со своја самоуправа. По обичај, кога корисникот стапува во една заедница, заедницата и нејзините раководители претпоставуваат добронамерност, без разлика на неговата историја на други проекти. Затоа, глобалните забрани не се можни кога корисникот е само привремено блокиран или кога е забранет само на еден проект. Имајте на ум дека глобалната забрана намерно се применува многу ретко.
Глобалната забрана не е исто што и глобален блок, кој претставува технички механизам за спречување на корисникот да уредува на сите Викимедиини проекти.
Критериуми за глобална забрана
Глобалната забрана е можна само кога се задоволени сите овие критериуми:
- Корисникот врши постојана злоупотреба на повеќе викија (кои не се обичен вандализам или спамирање). Неспорните случаи на вандализам и спамирање на повеќе викија треба непосредно да се пријават на огласната табла за глобални барања на надзорниците;
- Корисникот е внимателно известен за тоа што претставува правилно учество во проектите и имал праведна можност да ги исправи проблемите. Овие проекти треба да имаат покажано добронамерност во обидот да ги објаснат допуштените постапки и поведение кои се во склад со нивната мисија и делокруг. Овој критериум постои за да се покаже дека корисниците биле разумно запознаени со тоа што се очекува од нив, имале доволна можност да ги исправат погрешните постапки, но тоа не го направиле, т.е. продолжиле со неисправното однесување.
- Корисникот е трајно блокиран или забранет на два или повеќе проекти. За нив треба да има широка поддршка искажана преку дискусија на заедницата одржана на истакнато место—мора да фигурираат јасно искажани образложенија и да има повикување на локалните правила и практики, одлуките мора да бидат независни од блок или забрана на друг проект и мора да постои јасна намера за трајна примена на блоковите или забраните.
Меѓутоа, имајте на ум дека глобалните забрани не се честа појава, и дека задоволувањето на горенаведените критериуми само по себе не подразбира дека од нив следува глобална забрана. Еве некои причини за побараната глобална забрана од досегашните случаи:
- Малтретирање или закани врз учесниците на проектите, на викито или вон него
- Сериозна измама на викито или кражба на идентитет (не ограничувајќи се на злоупотреба на повеќе сметки)
- Неисправна употреба на корисничките права за пристап до лични податоци, како што се улогите Проверувач на корисници и Надгледувач
- Нарушувања на правилата за заштита на личните податоци и други официјални правила на Викимедија.
Поврзаност со месните правила
Ова правило е предвидено како надополнување на постоечките правила и постапки на сите проекти, а не како замена за нив. Раководењето со постапката за решавање на спорови во целост е задолжение на секоја поединечна заедница, а оваа постапка не е место за давање на предлози за забрана или блокирање на корисник на извесен поединечен проект.
Поврзаност со Условите на употреба
Викимедиините Услови на употреба, кои подеднакво важат за сите корисници на проектите, особено се повикува на ова правило и го поддржува забранувањето на корисници кои ги нарушуваат или самите услови, или сите задолжителни правила и начела на заедниците. Како услужник на Викимедиините мрежни места, Фондацијата го поддржува консензусот на заедницата што се однесува на одлуките за забрана и блокирање.
Постигнување на консензус за глобална забрана
Консензусот за глобални забрани се добива со постапката на речена „барање за коментирање“ на Мета. Дојавата за глобална забрана се прифаќа само доколку корисникот претставува јасна и тековна закана за сите Викимедиини заедници, кога одлуката ужива консензус кој праведно го претставува најголемиот дел од Викимедиините проекти и доколку во одлуката се гледа внимателно размотрување на можните проблеми и последици. За да започнете дискусија по прашањето дали постои причинета/можна штета врз сите заедници и дали тоа заслужува глобална забрана, сторете го следново:
- Потврдете дека корисникот ги задоволува сите критериуми за глобална забрана пред да отворите барање за коментирање.
- Поднесете ново барање за коментирање на Мета. Во насловот наведете го корисничкото име на корисникот предложен за глобална забрана. Предлагачот мора внимателно, содржајно, точно и непристрасно да ги документира значајните случаи што ги задоволуваат сите критериуми за глобална забрана. Предлагачот исто така мора да покаже дека одлуката на корисникот да не учествува на прифатлив начин претставува постојна опасност за сите Викимедиини заедници.
- Известете го корисникот на сите викија на коишто е активен за дискусијата на неговата страница за разговор и на Мета (ако има сметка на Мета). Доколку корисникот предложен за глобална забрана е блокиран на Мета, тогаш можете привремено да ја ослободите за да овозможите учество во дискусијата.
- Известете ги заедниците на сите викија на коишто уредувал корисникот за дискусијата. Ова сторете го на некое поважно јавно место за таа намена. Обратете внимание на тоа дека во преписките треба да бидете неутрални и да избегнувате коментари што содржат клевета, погрдни зборови, неточни поединости и преувеличувања.
Предлозите што не ги следат исправно горенаведените чекори ќе бидат неважечки.
Штом барањето за коментирање добие широк и јасен консензус, дискусијата може да ја затвори невмешан и непристрасен администратор или надзорник. Барањата за коментирање немаат однапред определени временски ограничувања, а несериозните и непромислените барања што не ги задоволуваат критериумите веројатно ќе бидат затворени без подолга дискусија. Долгите дискусии каде очигледно не може да се постигне консензус исто така подлежат на затворање.
Повеќејазичност на расправата
Имајте предвид дека дискусиите може и треба да се одвиваат на релевантниот јазик или јазици на проектите каде делувал корисникот. Проектите на Викимедија имаат стотици јазични верзии, па затоа сметаме дека во глобалните дискусии треба да учествуваат најразлични заедници, без разлика на тоа колку добро го зборуваат главниот јазик и дали познаваат некој друг освен мајчиниот. Во случај да нема преведувачи на располагање, во општењето помеѓу заедниците се прифаќа и машински превод како замена за човечкиот.
Примена на глобална забрана
Со глобалната забрана на корисникот му се одземаат некои или сите привилегии на сите Викимедиини проекти, без оглед на тоа дали има сметки кои се здружени со системот за обединето најавување. Секој за обид надмудрување и заобиколување на активна гобална забрана претставува нарушување на Условите на употреба, без оглед на тоа која сметка се користи. Поради тоа, локалните заедници кајшто е блокиран или неактивен треба да добијат известување за одлуката на важно јавно место наменето за тоа. Надзорниците може да одговорат на барања за глобално заклучување на други сметки кои докажано му припаѓаат на глобално забранетиот корисник.
Доколку консензусот бара постапка од надзорници, тогаш за оваа цел на надзорниците мора да им се постави барање. Во барањето наведете врска до релевантната дискусија; во спротивно, барањето ќе биде одбиено поради немање на консензус.
Поништување на одлука за глобална забрана
Дискусијата за поништување на одлука за глобална забрана треба да се води преку постапката на барање за коментирање на Мета, за со тоа да вклучи што пошироко учество. Барањето мора да ја следи истата постапка за консензус што важи за барањето за забрана, опишана погоре.